ТИКВЕШКИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ

 

Благой Видов от Кавадарци, Вардарска Македония - "Тиквешки револуционери", публикувано във сборник "Револуционерните борби во Тиквешиjата. Спомени и материjали. Книга 2", Държавен архив на Република Македониjа, Скопие, 2001 година

Обработил от PDF в текстов вариант с ABBYY FineReader и редактирал: Павел Николов

 

Благой Видов

Вовед

 

Македонија, расположена во југозападниот дел на Балканскиот Полуостров, според релјефот е мошне разновидна. Низ неа течат големите реки: Вардар, Струма, Места и Црна, чиишто води на еден при- роден начин напојуваат голем дел од нејзината територија. Целиот јужен дел на Македонија е под влијание на Средоземното Море, што овозможува растеж на култури непознати во други области во Бугарија. Високо се креваат врвовите на Пирин, Рила, Беласица, Шара, а во низините се синеат водите на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро.

Во централниот дел на Македонија, таму каде што водите на Црна се влеваат во Вардар, се наоѓа областа Тиквеш. Сега областа целосно се наоѓа во границите на СФР Југославија и се граничи со Прилепската, Велешката, Штипската, Радовишката и Струмичката област. Пред Балканската војна селото Старавина, кое сега е во границите на Грција, исто така и припаѓаше на Тиквешката област.

Името Тиквеш оваа област го наследила од истоимениот град што постоел до инвазијата на Турците. Амфитеатрално распослан по билото на два рида што досегаат до реката Црна, градот бил солидно утврден со двојни ѕидишта, со редица тврдини и кули, чиишто остатоци се зачувани до нашите денови. Според зачуваната легенда, Тиквеш бил празен неколку месеци по освојувањето на целото Западно бугарско царство. Опсадените жители на градот храбро се држеле и покажале необичен хероизам до својот последен час. А еве ја и легендата што раскажува за крајот на бранителите на градот.

Останатите живи заштитници на тврдината, за да го измамат противникот, се послужиле со итрина. На многу места кренале тапани, така што кога ќе дувал ветерот, се создавал впечаток дека Тиквешани се дале на веселби, бидејќи чукањето на тапаните надалеку се слушало. Неколку пати храбрите бранители го отфрлале предлогот на турскиот командант да се предадат. Поминале неколку месеци. На крајот, една од малите врати на крепоста се отворила и Турците виделе како една слаба, снеможена старица се упатила кон нив. Баба Ружа, така се викала старицата, им соопштила на Турците дека во градот нема ниту една жива душа, бидејќи сите умреле од глад. Измамените Турци навлегле во градот, ограбиле се што било вредно, потоа го запалиле. Градот изгорел до темел, а баба Ружа Турците ја осудиле на смрт откако ја обвиниле зошто порано не ја отворила вратата. Подоцна, на местото каде што била погребана старицата, била формирана населба што ја нарекле Брушани, во нејзина чест. (Баба Ружа на селаните од околните села им била позната по прекарот Бруша.) Селото го зачувало тоа име до наши дни.

Во Тиквешка област се наоѓаат два града - Кавадарци и Неготино и околу 90 села. Но, бидејќи некои од овие подробности ќе бидат соопштени понатаму, редно е да се вратиме назад во историјата. Уште во римско време се појавува првиот град Стоби, кој своето име го зачувал во населеното место кај устието на реката Црна. Римскиот град Стоби е распослан на левиот брег од р. Црна и на десниот од р. Вардар. При раскопките на стариот град е откриен театар со околу 2.000 места, изграден амфитеатрално. Стоби бил голем административен и трговски центар на Римската Империја. Сегашните села Росоман, Крушевица и Сирково се наоѓале во регионот на Стоби. Градот имал сопствена канализација и водовод. Голем резервоар на вода имало во сегашното село Росоман. Се уште не е утврдено од каде водоводот црпел вода.

На три километри од сегашниот град Кавадарци се гледаат траги од урнатините на словенскиот град Белград. Според некои извори, градот бил изграден за време на владеењето на царот Симеон, а според други - негови основачи се Илирите. Градот бил целосно урнат во силен земјотрес, а во неговата околина подоцна се појавиле селата Раштани и Оово. Главно занимање на населението на Белград било лозарството. Регионот на Белград и денес е познат со своето првокласно грозје. Тогашните жители на градот биле добри мајстори винари. Податоците што доаѓаат до нас тврдат дека тоа биле првите тиквешки кираџии, кои ги разнесувале тиквешките вина и ракии по целиот Балкански Полуостров и дури во Виена. Ги нарекувале белограѓани. Големите фамилии од тогашните кираџии белограѓани подоцна се преселиле во Кавадарци и се зачувале до денес, како на пример: Чулеви, Пеливанови, Ставрови и Јорданови.

Кога дошле Турците, градот Кавадарци не постоел. Местото на кое е изграден сегашниот град служело за пладнување на добитокот од околните села. Тоа од своја страна одиграло суштинска улога при именувањето на новото населено место. Еве што се случило. На фамилијата Чулеви од селото Раштани кај Белград им се загубила крава. Стариот Чулев ја нашол на пладништето. Се обидел да ја фати, но не успеал. Налутен, фрлил со камен по неа, и ја скршил ногата. Бидејќи кравата не можела да се движи, Чулев ја убил наместо и почнал да и ја дере кожата. Тоа го виделе неговите соселани и местото го нарекле Краводер. Подоцна, селаните од Раштани и Оово решиле да се населат на тоа место, со што ги положиле темелите на сегашниот град Кавадарци. Така, сто години по доаѓањето на Турците, потомците на Симеоновиот Белград го основале градот Кавадарци.

Старите белограѓани, подоцнежните преселници во Кавадарци, се токму оние прославени кираџии - винари белограѓани од народната песна. За нив се зборува во песната за охридската мома Билјана - "Билјана платно белеше...", песна што и денес се пее во сите краишта на нашата земја. Во песната се зборува како охридската мома ги видела стројните тиквешки белограѓани пред караванот и со задевање извикала: "Тиквешани, кротко терајте караванот, да не ми платно згазите".

Областа Тиквеш, или Тиквешијата, како што често ја нарекуваат, на Турците многу им се допаднала поради климата и плодородноста. За да бидат сигурни во своето господство, преку насилство и инквизиција му ја наложиле исламската вера на населението од селата Сирково, Росоман, Бесвица, Пепелиште, Криволак, Тремник, Сопот, Долни Дисан и др. Интересен е фактот дека исламизираните Бугари, освен што си го зачувале родниот јазик, не си ги смениле ниту имињата. Меѓу нив и денес има фамилии што си ги зачувале бугарските презимиња: Моловци, Качунковци, Таранџиевци, Пујковци, Краповци, Оповци, Амповци и др. До неодамна некои семејства на исламизираните Бугари ги чуваа иконите на семејните светци, на чие име прославувале и празници.

Од средината на овие потурчени Бугари во текот на 17-ти век се формираат беговски фамилии, кои играат голема улога пред Високата Порта во Цариград. Овие бегови брзо се збогатуваат, градат куќи дворци со големи дворови, оградени со високи ѕидови и сопствен водовод. Побогатите ја користат ангаријата и куќите си ги градат со посебни машки и женски дворови. Женскиот двор е ограден со висок ѕид. Се градат и базени за капење. Гостите се примаат во машкиот двор.

Според податоците што стасале до нас, најбогат бег бил Абродим бег. Неговата земја се простирала од завојот на Црна кај селото Скочивир, Битолска околија, дури до устието на Црна, кај стариот римски град Стоби. Во негова сопственост биле историското Добро Поле, големите шуми и пасишта на Кожув Планина и 26 села.

Старите кавадарчани раскажуваат дека Абродим бег бил добар и спрема селаните се однесувал подносливо. Стариот свештеник Михаил Михајловски раскажуваше два случаи во врска со бегот: на пазарот во Кавадарци селанец од селото Шешково продавал пчелин мед. Абродим бег го пробал медот и прашал колку чини. На бегот цената му се сторила мошне висока, а селанецот почнал да му објаснува, на еден речиси навредлив начин, која е причината за тоа. И покрај тоа, бегот само му префрлил "Свињо, носи си го дома". И вториот случај: Абродим бег продава табакера со тутун. Му ја предлага на Бугарин од Кавадарци. Бугаринот одбива, но пак на навредлив начин. Бегот и овој пат ја премолчува навредата.

За Абродим бег се раскажува и друго. Во негово време се градел патот од Софија до Елбасан. Насекаде се користела ангаријата и само тој не дозволил да се земат работници од неговиот имот. За Абродим бег родољубивиот Бугарин Трајко Јовков пишува во своите спомени: "Абродим бег има заслуги за бугарското население во тиквешкиот крај, бидејќи се застапил да го запре потурчувањето на бугарското население". Меѓутоа, за запирањето на ова потурчување во Тиквешијата сепак решавачка причина било силното спротивставување на населението. Цели семејства се повлекуваат кон Кожув Планина, во почетокот живеејќи во колиби, а подоцна почнале да градат куќи од камен. Така се создаваат тиквешките планински села и населението во нив го зачувува својот бугарски дух.

Како и насекаде, така и во Тиквешијата потурчувањето се спроведувало со големи насилства. Според едно предание, блиску до селото Бегниште има падина во која биле закопани околу 500 Бугари, кои не сакале да ја примат исламската вера. Оваа падина Турците ја нарекле Каурѓарец, име што се зачувало досега. Се уште селаните одат таму и палат свеќи.

Престанувањето на потурчувањата не ги запрело и страдањата на Бугарите. Грабежите, насилствата, тиранијата - не престанувале. Наспроти нивната желба, илјадници Бугарки ги полнеле беговските хареми. Преданието раскажува за неспоредливиот хероизам на момите од селото Галиште, кои решиле да загинат, но да не паднат во рацете на Турците. Блиску до селото имало вертикална карпа. Кога Турците се обиделе да ги фатат, тие си ги врзале косите една за друга за некоја да не се расколеба и да не се фрли во 100 метри длабоката бездна. Според преданието, оваа трагедија се случила во 17-тиот век. Оттогаш карпата го носи името "Момина карпа".

Погоре рековме дека низ Тиквеш течат реките Вардар и Црна. Поради честите поплави, реките овозможуваат да се добиваат богати реколти. Најраспространети култури овде се грозјето, афионот и тутунот. Виреат и други интензивни култури - памук, наут, граор, кикиритки, анасон и сусам. Тиквешијата се слави со две реколти во годината.

Од земјоделските култури, толку многу развиени во Тиквешијата, на прво место е лозарството. И најсиромашните Тиквешани имаат по два-три декари лозје, а просечниот сопственик по 15-20. Сега во Кавадарци има модерна винарска визба, во која преработката на вина достига до 20 милиони литри годишно. Лозовиот расад од расадникот во Кавадарци е баран низ цела Македонија.

Важна култура во производството на ова население е афионот, чиешто семе овде е пренесено од Анадолија. Според легендата, еден војник од селото Пепелиште долги години служел во Анадолија, а семето го донел во цевката од својата пушка. Тој ги научил соселаните како да го одгледуваат афионот. Подоцна еден богат Турчин довел од својата татковина специјалисти - берачи на опиум. Почнало масовно сеење на афионот, бидејќи плодородната почва се покажала решавачка за брзото распространување на културата. Пред Балканската војна во Тиквешијата се добивале околу сто илјади килограми афионов опиум. Афионовата култура е ценета не само поради опиумот туку и поради семето. Од него се прави таканаречениот шарлаган - вид масло, главен продукт што го користи кујната на Тиквешани.

По војните, поради штетите што филоксерата им ги нанесла на лозјата, тутунот го зазеде челното место во стопанството на Тикве- шијата. Сега таа култура е на второ место по лозарството и во стопанството на областа претставува значаен фактор.

Други интензивни култури распространети во Тиквешијата се сусамот, анасонот, наутот, граорот и др. Според квалитетот и количеството, тиквешкиот сусам го зазема првото место во цела Средна Европа. Поради големата побарувачка на тиквешкиот таан, во Кавадарци, Неготино, Ваташа и Ресава постојат работилници за негово производство, кое во почетокот било примитивно, но подоцна се модернизира.

Сусамовиот таан се извезуваше на надворешниот пазар не само во сурова состојба, туку и преработен во прочуената тиквешка таан алва, приготвувана од познати мајстори Албанци. Оваа алва се продаваше по сите градови на Македонија, а преку Солун и Цариград се извезуваше и во Европа.

Во цела Македонија е позната и крупната леблебија добивана од наут. Тиквешијата има свои мајстори за правење леблебија.

Во Тиквешијата има одлични услови и за развој на градинарството. Има уредени големи зеленчукови градини и бостани. Последниве содржат голем процент шеќер. Просечната тежина на тиквешката лубеница е 10-15 килограми, а во 1942 година беше постигнат рекорд од 33 килограми.

Релативно добро е познат и памукот, а послабо - свилената буба, која се одгледува во постојните градини со црници.

Тиквеш е богат со шуми. Во блиската Кожув Планина растат бор, бука, елка, дрен и др. Дрвната индустрија во неодамнешното минато поради недостиг од патишта не се развивала и само на малите рекички што ја сечат планината се граделе примитивни пилани - бичкиџилници, во кои се изработувал материјал што потоа се пренесувал со маски во Кавадарци. Селаните од селата блиски до планината сами си го подготвувале дрвниот материјал и си граделе куќи на два ката. Овие куќи значително се разликувале од оние во полските села, кои во повеќе случаи се одликуваат со тоа што се ниски и помали. Подоцна на местото на овие бичкиџилници се појавуваат гатери, чиешто производство со сплавови по Црна и Вардар се пренесувало до Солун. Сега во Кавадарци има дрвно-индустриски комбинат со околу 1.200 работници.

Просторните пасишта овозможуваат развој на сточарството. Во планинските села се одгледуваат кози. Одделни стопани во минатото имале до 3.000 кози. Овие стопани располагале со сопствени мандри, наречени според нивните имиња: Ивановата мандра, Горевата мандра и др. Овчарството најдобро е развиено во селата покрај Вардар и Црна. Во селата Криволак, Војшанци, Мушанци, Пепелиште, Трем- ник, Кукуречани, Трстеники др. Каракачани и Бугари овчари од Галичник своите стада ги водеа на пасење од доцна есен до пролет. Стопаните од блиските градови рогатиот добиток си го купуваа во Тиквешко, но сепак повеќе се извезуваше во Солун. Освен тоа, солунските трговци во Тиквеш ја купуваа и прочуената тиквешка пастрма. За време на подготвувањето на пастрмата, внатрешниот ситнеж го купуваа посиромашните жители, тој беше речиси без пари и тие тоа време го нарекуваа "Велигден".

До 1912 година, англиска фирма го експлоатираше единствениот рудник на Балканскиот Полуостров, од кој се добиваше злато и сребро. Рудникот е кај селата Рожден и Мајдан. Тиквешијата истотака е богата со сулфур, бакелит, син и бел графит, како и со различ- ни градежни материјали.

Сестрано богатата Тиквешија целосно ги задоволуваше потребите на населението, па затоа немаше случај Тиквешани да одат на гурбет.

 

Тиквешијата за време на Преродбата, почеток на револуционерните борби, ајдуштвото во Тиквешијата, создавање на ВМРО во Тиквешијата

 

Тиквешијата не можеше да остане настрана од националноослободителното движење на балканските народи за отфрлање на турското ропство. Уште повеќе - стотици Тиквешани зедоа најактивно учество во револуционерните борби и го дадоа својот придонес во заедничкото дело во борбата против османлиите.

Зачувани се многу материјали што зборуваат дека Тиквешијата е еден од првите краишта во Македонија што беа обземени од духот на Преродбата. Уште во 1632 година во Бошавскиот манастир свештеникот Симеон напиша книга со интересни метеоролошки податоци за областа. Тоа е првиот писмен материјал во Тиквешијата, за кој досега се најдени податоци.

Во истиот манастир во 1740 година Христо Граматик од Конопиште напиша книга на бугарски јазик. Подоцна истиот автор напиша нова книга. Сега овие дела се наоѓаат во Белградската народна библиотека. Едната од книгите му е посветена на игуменот на манастирот Коленикт. Во посветата, меѓу другото, се вели: "Иако навидум грубо, тоа слово (бугарското) е слатко; пчелата е лута, но медот е сладок".

Христо Граматик се грижел за просветата на своите сонародници. Во Бошавскиот и Полошкиот манастир, како и во старата Дреновска црква тој отвора бугарски училишта. Во тие училишта биле подготвувани учители за училиштата во Тиквешијата. Отпрвин обуката во нив се врши со грчка азбука, но подоцна таа е заменета со бугарска.

За расцветот на просветното дело во Тиквешијата најубаво зборува фактот дека тука е создадена првата бугарска печатница од родољубот Даскал Камче. Печатницата подоцна е пренесена од страна на Теодосиј Синаитски во Солун, каде што одигра огромна просветна улога. Еве ја историјата на нејзиното создавање:

Во почетокот на минатиот век во селото Ваташа учителствува Даскал Камче. Роден е во 1790 година во селото Курешница, во семејство на сиромашни родители. По природа мошне љубопитен, Камче брзо ја совладува тогашната наука и во текот на 1817 година станува учител во селото Ваташа, каде што се преселиле неговите родители. Неколку години тој води поклоници на Света Гора. На тие чести патувања во Солун тој се запознава со архимандритот Теодосиј, родум од Дојран. Во двајцата се зародува идејата за отворање бугарска печатница. Наскоро идејата се реализира. Со средства дадени од Теодосиј Синаитски, Јовко Марков - трговец од Кавадарци и голем љубител на науката, како и од други заможни ваташки селани, Даскал Камче заминува во Белград, од каде што донесува "типографија за типосување книги", т.е. печатарска машина, печатарска опрема и бугарски букви за печатење книги.

Печатницата била инсталирана во една од собите каде што живеел Даскал Камче во Ваташа. Таа работела тајно и опстоила една година во периодот од 1836 до 1837 година. Даскал Камче љубоморно ја криел печатницата, плашејќи се да не дознае за неа грчкиот владика. Во тоа време тука се печателе мали книшки со поучна содржина. Меѓу нив била и "Перваја таблица" од Јордан Хаџиконстантинов - Џинот. Таа била отпечатена на дебел лист хартија со формат 44/32 см.

И покрај тоа што печатницата била грижливо криена, по пријава од страна на грчкиот владика власта разбрала за нејзиното постоење и наскоро ја затворила. Тогаш архимандритот Теодосиј и Даскал Камче решиле да ја пренесат во Солун, и тоа го сториле, па така се положени основите на солунската печатница.

Незадоволството на поробеното население во Тиквешијата, како и во цела Бугарија во она време својата оддушка ја наоѓа во ајдутството. Неорганизирано, стихијно родено пред се од силната желба за одмазда, тоа ја одигрува својата позитивна улога, пред се како урнек за идните организирани револуционерни чети, јавувајќи се како нивен неизбежен претходник. За почеток на ајдутството во Тиквешијата може да се смета средината на 19 век, или поточно 1847 година. Во сеќавањето на населението се зачувани имињата на неколку комити арамии: Мане Марков, Христо Марков, М. Николов, Тодор Митрев, Вано Милков. Причините поради кои тие го напуштиле цивилниот животи станале ајдути се најразлични. Најстариот ајдутин Мане Марков бил касап. Еднаш некој Бугарин дошол кај него и купил три оки месо. Бидејќи имал некоја работа, го замолил Манетада го почува месото за да си го земе подоцна. Малку потоа во дуќанот на Мане влегол Турчин. Забележувајќи го одделеното месо, кое му се допаднало, тој побарал да го купи, но Мане одбил да му го даде, изјавувајќи дека тоа месо е веќе продадено. Дошло до кавга, Турчинот посега да го земе месото со сила и Мане замавнал со ножот и му ја пресекол раката. Веднаш потоа заптиите го уапсиле касапот и го одвеле во конакот. Вечерта Христо Марков, брат на затворениот, собира пријатели, кои го запалуваат конакот и го ослободуваат Мане. Тоа е повод двајцата браќа да тргнат кон планината, каде што се ајдути цели 15 години, од 1847 до 1863 година.

Други познати комити (ајдути) од Тиквешијата се Тодор Митрев и Вано Милков. Како прочуени пеливани борачи, тие брзо го привлекле на себе вниманието на Турците. Нивната сила била заканувачка за Турците и тие решиле да ги убијат. Една вечер им поставиле заседа, но Тодор и Вано успеале да се извлечат, пред тоа убивајќи двајца од напаѓачите. За нив единствен пат останала планината. Тоа се случило во 1870 година. Подоцна тие привлекуваат и други млади луѓе, организираат дружина која станува страшилиште за Турците. Прва жртва на тие ајдути станува ќајата Омер од селото Рожден, кај собирал данок десеток. Омер бил обесен на еден крстопат.

Многу бегови и ќаи ги снашла судбината на Омер. Тодор и Ване сееле голем страв среде Турците и тие престанале да се движат сами по тиквешките патишта.

Населението здивнало од турските насилства, а мошне важно било и тоа што со ова му бил пресечен патот на таканареченото збратимување помеѓу Турци и Бугари, измислено од некои понестабилни Бугари. Во основата на "збратимувањето" лежи должноста Турчинот побратим да биде закрилник на семејната чест, а во замена за тоа посестримата треба да си го дели леглото со него... Движејќи се по селата, ајдутите ги казнувале овие "збратимувања" и жестоко се пресметувале со виновниците. Израз на чувствата и настроенијата на народот од она време е песната "Ајде, слушај, слушај, калеш бре Анѓо", позната во цела Македонија.

Интересно е да се одбележи дека во Тиквешкиот реон, дури и по создавањето на Организацијата, по своите подвизи како ајдути биле познати Јован Радњански, Трајко Баровски, Дино Драчевски, Ичко Димитров - Еѓупчето и други млади луѓе, кои сметале дека патот на личната одмазда е најкорисен и најправилен во борбата против Турците.

Постепено, ајдутството ја одигрува својата улога во борбата против Турците, потоа замира за да му отвори пат на организираното и раководено бунтарство, кое ги поставува основите на револуционерните борби во Македонија и Тракија, кои, по срамниот Берлински договор, остануваат надвор од границите на Бугарија. Револуционерното движење има потреба од една организација централно раководена, која ќе ги здружи сите патриотски сили и ќе ги обедини во борбата за општата цел.

По создавањето на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација и изборот на нејзиниот Централен комитет во Солун, Дамјан Груев тргнува низ Македонија за да формира организации во другите градови на поробената територија.

Бидејќи во тоа време во Солун се наоѓал Јованче Минчев од Кавадарци, запознаен со делото на Организацијата, тој тргнува како придружник на големиот револуционер и во нивната обиколка првиот град е Кавадарци. Во основаната месна организација, прва од тој вид по онаа во Солун, влегуваат трговецот книжничар Јованчо Велков, свештеникот Михаил Михајловски, Пане Иванов, Јанаки Илиев, Зарко Илиев, Пано Јосев, Ташо Врангалов, Лазо Бањански и др. На таков начин од 1894 година во Кавадарци почна да функционира месната организација на ВМРО. Даме Груев заминува во Штип и таму формира организација, се враќа во Кавадарци и заедно со Јованче Минчев и Пано Иванов си го продолжува патот за Прилеп.

Наскоро Организацијата во Кавадарци се разраснува и во неа се вклучува целото бугарско население од областа. Се организира целосна револуционерна мрежа. Тиквешијата станува важна алка на Организацијата и база на Централниот комитет од Солун. За брзиот развој на Организацијата во Тиквешко не мала улога игра и фактот дека во неа најдоа свое место сите патриотски и авторитетни кавадаречки граѓани. Честите посети на Пере Тошев, чијшто корен по линија на мајка му е од Ваташа, ја заздравија и многу помогнаа за зацврстување на Организацијата. Освен како училиштен инспектор, обиколувајќи ја цела Македонија, тој доаѓаше во Тиквешијата и по други поводи. Во селата Житољуб и Фариш неговите родители имаа голем чифлик. Пере Тошев често доаѓаше на починка токму тука и одржуваше средби со раководството на тиквешката Организација. Како наследник на чифлигот, видниот револуционер подоцна им го раздаде на сиромашните селани од околните села.

Набргу Организацијата заживува со полн живот. Го добива весникот "Бунтовник", што ЦК на ВМРО го издава во Солун. Весникот се предава од рака на рака и го одржува буден револуционерниот дух на Бугарите.

Карактеристичен е фактот дека првите основачи на Организацијата во Кавадарци се некои од чорбаџиите и градските првенци, какви што се погореспоменатите Јованче Мишев, Јованчо Минчев и Пано Иванов. Предавството не било познато во Организацијата за време на целокупното нејзино постоење, со исклучок на еден случај во с. Ресава, за што ќе биде напишано понатаму.

 

БЕЛЕЖКИ

 

1. Оригиналния документ можете да видите ТУК.

2. Още обработени документи – в „Библиотека на Павел Николов“.

3. Още сканирани оригинални документи - Библиотека "Струмски".

4. ЗА АВТОРА: Роденият в Кавадарци Благой Петров Видов (1913-1980, София) е ВМОРО и ВМРО революционер и общественик.



Павел Борисов Николов, гр. Ихтиман
Фейсбук: https://www.facebook.com/profile.php?id=1527876069
Блог: http://pavelnik.blogspot.bg